Вакцината е 94 отсто ефикасна во спречување на смртни случаи доколку се примени и двете дози од истата.

Две дози од вакцината Синофарм биле 50,4 отсто ефикасни во спречување на инфекција кај здравствените работници во Перу, каде се зголемува бројот на заболени поради разните соеви, а давањето на третата доза може да се разгледа како добра опција, навела тамошната државна студија.

Поголемиот дел од здравствените работници во Перу ги примиле и двете дози од вакцината Синофарм:

„Ефикасноста во спречување на инфекцијата не е голема и тоа е нешто што мора да го разгледаме кога поголем дел од жителите ќе ги примат и двете дози. Тогаш може да ја разгледаме можноста и за примање на трета доза за да ја зголемиме заштитата на медицинските работници кои се во непосреден допир со ковид“, се наведува во студијата која ја објавиле научниците од Државниот Институт за здравје и уште два истражувачки института.

Меѓутоа, вакцината е 94 отсто ефикасна во спречување на смртни случаи доколку се примат и двете дози.

Некои држави, како на пример Камбоџа и Обединети Арапски Емирати, им понудиле на своите граѓани да се вакцинираат со АстраЗенека и Фајзер како „бустер“ доза, по ревакцинацијата на Синофарм.

„Најверојатно е дека навистина ќе ви биде потребна трета доза во некој момент, прашањето е само кога е најдобро да се направи тоа и кој тип на „бустер“ вакцина треба да ја примите“, изјавил за „Ројтерс“ Лели Солари еден од седумте автори на студијата.

Тој додал и дека ефикасноста на Синофарм против инфекцијата е ниска, но дека сепак се прифаќа според стандардите на СЗО.

Перу во студијата ги вклучил и асимптоматските инфекции, а Солари предупредил дека поголем дел од податоците се направени врз основа на здравствените работници.

Медицинските работници во Перу се вакцинирани исклучиво со Синофарм поради тоа што кинеската вакцина прва пристигнала во јужноамериканската земја, а подоцна жителите се имунизирале со Фајзер и АстраЗенека.