Додека другите форсираат електрични возила, Корејците своите надежи ги насочуваат кон водородот

Корејската Hyundai Motor Group, под чија капа се брендовите Hyundai и Kia, ги објави долгорочните планови за понатамошен развој на возила што користат водород како гориво.

Планот наречен FCEV Vision 2030, предвидува Hyundai и Kia во блиска иднина да станат лидери во технологијата на водородни горивни ќелии и значително да го зголемат производството на возила со овој тип на погон.

Hyundai Motor Group планира да го зголеми нивото на производство на водородни горивни ќелии за 500.000 возила годишно до 2030 година.

Покрај тоа, оваа индустриска група сака да годишно да произведува и 200.000 единици за различни превозни средства (беспилотни летала, виљушкари, морски пловила …), кои, исто така, за движење ќе ја користат наведената технологија базирана на водород.

Корејската компанија очекува до 2030 година побарувачката на возила за водородни горивни ќелии да достигне до 2 милиони единици.

Со цел да ги реализира овие планови, групата, заедно со своите партнерски компании и други добавувачи, ќе инвестира околу 6,7 милијарди долари во развојот на технологијата на водородни горивни ќелии, како и во изградбата на нови фабрики.

Времето ќе покаже дали водородот како гориво има иднина, но во меѓувреме, Hyundai веќе најави дека ќе го унапреди системот кој користи водородни келии во својот модел Nexo.

Nexo е опремен со електричен мотор кој развива 163 КС (120 kW) и 394 Nm, а потребната електрична енергија се добива од системот со водородни горивни ќелии.

Според фабричките податоци, до 96 km/h автомобилот забрзува за 9,5 секунди, а максималната автономија на возење со полн резервоар е околу 595 километри.