Социјалната мрежа Twitter соопшти дека ќе соработува со Ројтерс и Асошиејтед Прес (АП), најголемите новински агенции во светот, со цел борба против дезинформациите, јави BBC. Двете новински агенции веќе соработуваат со Facebook на проверка на факти.
Во соопштението се посочува дека новинските агенции ќе понудат поширок контекст и повеќе информации за настаните кои преизвикуваат голем број твитови. Твитер се надева дека на тој начин ќе се намалат дезинформациите.
„Наместо да чека нешто да стане вирално, Twitter ќе го контекстуализира развојот на дискусијата (преку Интернет)“, велат од компанијата.
Во моментов, тимот на Twitter за организирање и селекција, кога ќе се појави нешто контроверзно на Интернет, наоѓа и промовира релевантен контекст од сигурни извори за да спречи ширење на потенцијално погрешни информации објавени од корисниците.
Според BBC, Twitter ќе соработува одделно со двете ривалски новински агенции и првично ќе се фокусира на содржината на англиски јазик.