Една шпанска компанија осмислила систем за извлекување на питка вода од воздухот со која би се снабдувале сушните подрачја во кои на луѓето очајнички им е потребна вода за пиење.

„Целта е да им се помогне на луѓето. Целта е да се дојде до места како бегалски кампови кои немаат питка вода“, изјавил Енрике Веига, 82-годишен инженер кој ја креирал ваквата машина во текот на тешката суша во јужна Шпанија во 90-те.

Уредите на неговата компанија „Aquaer“ веќе испорачуваат чиста и безбедна вода за пиење на места во Намибија и Либан.

„Луѓето од селата кои ги посетивме во Намибија беа запрепастени. Не разбираа, прашуваа од каде дошла водата“, додал Веига.

Машините користат електрична енергија за ладење на воздухот сè додека тој не кондензира во вода, користејќи го истиот принцип кој доведува до кондензација во клима уредите.

Додека другите генератори за вода засновани на слична технологија бараат висока влажност на околината и ниски температури за ефикасно функционирање, машините на Енрике Веига работат на температури до 40 Целзиусови степени, а можат да поднесат влажност на воздухот помеѓу 10 и 15 отсто.

Малите машини можат да произведат 50 до 75 литри вода дневно и се лесно преносливи, додека поголеми верзии можат да произведат и до 5000 литри вода дневно.

Извор: Kurir.rs