Две од најголемите компании во Силициумската Долина им наложија на вработените да примат вакцини против Ковид-19 пред да се вратат во работните простории, пренесува „Варајети“.
Сите вработени во интернет-гигантите Google и Facebook добија известување дека мора да се вакцинираат против коронавирусот.
Google бара вработените да бидат вакцинирани пред да се појават во канцелариите на компанијата во САД во следните неколку недели, а во други земји во наредните месеци, според допис од извршниот директор на Alphabet и Google, Синдар Пичаи.
„Вакцинирањето е еден од најважните начини да го зачуваме нашето здравје и здравјето на тие околу нас во наредните месеци“, напиша Пичаи во е-поштата до вработените во компанијата.
Facebook исто така соопшти дека им наложува вакцинација на сите што доаѓаат во неговите објекти.
„Како што ќе се отвораат нашите канцеларии, ние ќе бараме секој што доаѓа да работи во која било од нашите простории во САД да биде вакциниран“, наведе Лори Голер, потпретседателка на Facebook, во соопштение во четвртокот.
Компанијата ќе ја спроведува политиката врз база на „локални услови и прописи“, додаде таа, и ќе има постапка за луѓе што не може да се вакцинираат од медицински или други причини.