Џиновска 3Д мачка се појави на билборд во Токио, над една од најпрометните железнички станици во градот.

Иако станува збор за пробно емитување, таа веќе го привлекува вниманието на жителите на главниот град на Јапонија и стана многу популарна на социјалните мрежи.

Прикажана помеѓу реклами, хиперреалистичната мачка „оживува“ на заоблениот ЛЕД екран од 1664 квадратни метри во округот Шинјуку. Екранот во 4К резолуција ја прикажува мачката како шета високо над јапонската престолнина додека гласно мјаука.

Започнува да се емитува од 7 часот наутро, а видеото се менува во текот на денот. Мачката за првпат се појавува наутро, а до попладне се гледа како стои и им мјаука на случајните минувачи. Навечер легнува и заспива со потпрена глава на шепите.

Иако официјално ќе започне да се прикажува дури од 12. јули, пробните емитувања се одржуваат уште од минатиот месец.

„Шинјуку мачката“ веќе го привлече вниманието на интернет, а многумина велат дека таа е преслатка и го изразуваат своето чудење за модерната технологија, пишува CNN.

За оние кои не се во можност да ја видат во живо, една од компаниите која стои зад проектот – „Cross Space“ започнала со прикажување на паното во живо по пат на YouTube.

Реалистичките 3Д билборди, во изминатата година се појавија во неколку азиски земји и истите стекнаа огромна популарност.

Извор: Kurir.rs