Британскиот огранок на јапонската фирма Nissan Motor Corporation објави дека ќе вложи 1,18 милијарди евра, со својот кинески партнер „Енвижн АСЕЦ“, за изградба на поголема фабрика за батерии за електрични возила во Сандерленд, северна Англија, и во производство на нов модел на електромобил.

Инвестицијата на јапонската компанија, кинескиот партнер и властите на Сандерленд ќе создаде 6.200 работни места во Англија. Капацитетот на фабриката ќе биде 100.000 единици годишно, што е еднаков со оној што францускиот ривал „Рено“ го објави претходно неделава, исто – во партнерство со „Енвижн“, специјализирана фирма за производство на батерии.

Соочени со најрадикалниот технолошки пресврт последниов век, титаните во автомобилската индустрија се натпреваруваат да обезбедат снабдување со батерии близу фабриките што ќе произведуваат еколошки почисти електрични возила во иднина. Nissan ќе потроши до 423 милиони фунти за производство на целосно нова генерација на електрични теренски возила во фабриката каде што веќе ги произведува електричните модели „Лиф“ и „Кашкаи“.

„Најавата на Nissan дека ќе гради фабрика за новата генерација целосно електрични возила во Сандерленд, близу новата фабрика „Енвизија АЕСЦ“, е одличен израз на доверба во Велика Британија и нашиот висококвалификуван кадар на северо-исток“, истакна британскиот премиер Борис Џонсон.

Светските сили се обидуваат да ги намалат емисиите на јаглерод од моторите со внатрешно согорување, па Велика Британија вети дека ќе ја забрани продажбата на нови автомобили со дизел и бензин од 2030 година