Европската комисија ги објави плановите за формирање на „Заедничка сајбер единица“ за справување со зголемениот број сериозни сајбер инциденти што влијаат врз јавните служби и деловните активности низ цела ЕУ.
По почетокот на локдаунот што го наметна Ковид-19 пандемијата, хакерските активности против компаниите се зголемија за повеќе од двојно, бидејќи сајбер криминалците ја искористија намалената безбедност поради зачестената работа од дома. Комисијата истакна дека од земјите сега се бара покоординиран одговор, бидејќи сајбер нападите се зголемуваат по број, обем и видот на последици.
Првпат објавена од претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, Заедничката сајбер единица има за цел да ги обедини ресурсите од сите земји-членки на ЕУ, за да го зајакне нивниот одговор на сајбер инцидентите. Единицата ќе дејствува како платформа за да обезбеди координиран одговор на ЕУ на големите сајбер инциденти и кризи, како и да понуди помош за опоравување од овие напади.
Од учесниците ќе биде побарано да обезбедат оперативни ресурси за заемна помош во рамките на единицата, посебно информации во реално време за заканите што можат да се појават во нивните области. Комисијата се надева дека Единицата ќе биде оперативна до крајот на јуни 2022 година и целосно ќе биде формирана следната година.
ЕУ им наметна и нов кодекс на снабдувачите на 5G опрема, креиран да обезбеди безбедни мрежи низ целиот континент. Ова посебно следува по контроверзите околу вмешаноста на Huawei при поставувањето на мрежи од следната генерација, откако беа изнесени обвинувања дека има силни врски со кинеската влада.
Првиот човек на комисијата, Маргрет Вестагер, рече: „Сајбер безбедноста е камен-темелник на дигитална и поврзана Европа. Во денешното општество, најважен е одговорот на заканите на координиран начин. Заедничката сајбер единица ќе придонесе за таа цел. Заедно навистина можеме да направиме разлика“.
Тиери Бретон, комесар за интерниот пазар, изјави: „Заедничката сајбер единица е градежен блок за да се заштитиме од растечките и сè покомплексни сајбер закани. Поставивме јасни пресвртници и временски рамки што ќе ни овозможат – заедно со државите-членки – конкретно да ја подобриме соработката во управувањето со кризи во ЕУ, да ги откриеме заканите и побрзо да реагираме “.
Членките на единицата ќе доаѓаат од Агенцијата на ЕУ за сајбер безбедност; експерти од земјите на ЕУ; Европскиот центар за компјутерски криминал на Европол; надворешната служба на ЕУ – ЕЕАС и Европската агенција за одбрана.
Коментирајќи ги плановите на ЕУ, Питер Гримонд, Интернационален CTO во Veritas Technologies, рече: „Сигналот од ЕК дека може да го направи буџетот за воена одбрана од EDF достапен во борба против сајбер нападите, како што е рансомвер, како дел од новата Заедничка сајбер иницијатива, појаснува колку сериозно ја сфаќа растечката закана што ја претставуваат хакерите. Неодамнешните напади врз критичната инфраструктура, како што е „Колонијалниот гасовод“ во САД, ги потенцираа реалните последици од малициозните софтверски напади.
„Ова ја зацементира важноста на прашањето во глобалната свест и поттикна на создавање меѓународни механизми за одговор. Секој бизнис и секој работник имаат своја улога да ги чуваат своите податоци безбедни. Оваа одговорност ќе биде посебно важна за компаниите во ЕУ со текот на годините, додека не се формира Заедничката сајбер единица“.
Минатиот месец, здравствената служба на Ирска беше погодена од голем рансомвер напад, што ја принуди да ги затвори своите ИТ системи, предизвикувајќи сериозно нарушување.
Ова следуваше по нападот врз британскиот NHS во 2017 година, од Wannacry црвот, за кој постоеше сомнеж дека е од Северна Кореја, што сериозно ја наруши грижата за пациентите во целата служба во период од неколку дена.
Поврзани артикли