Една од технологиите што сè уште ја очекуваме кога станува збор за паметните телефони се самопоправливите екрани. Тие би можеле да пристигнат за неколку години.

Според аналитичката компанија CCS Insight, која објави анализа на технолошкиот пазар за следните години, екраните кои сами се поправаат би можеле да станат достапни до 2028 година.

Наведените екрани ќе користат технологија што ќе им овозможи да поправат помали оштетувања, како што се гребнатини, пукнатини и вдлабнатини.

Технологијата би користела нано-облога, која би била на површината на дисплејот и би функционирала со користење на воздух за да се создаде материјал кој ќе ги пополни оштетените траги на дисплејот.

Се посочува дека технологијата не би можела да поправа големи пукнатини, но би била доволна за да се средат проблемите со гребнатинки или помали вдлабнатини од неговото носење во џебови или паѓање на телефонот.

Различни компании веќе се обиделе да имплементираат слични технологии претходно. Така, пред десет години, LG го претстави G Flex, кој имаше само-заздравувачка обвивка на задната страна. Сепак, технологијата не функционираше баш, дури и на моделот G Flex 2 од 2015 година.

Во 2017 година, Моторола ја патентираше употребата на полимери со меморија за форма, со помош на материјал кој на брза промена на температура го менува обликот на материјалот и го поправа оштетувањето на уредот.

Истата година, научниците од Јапонија создадоа нов вид стакло што може да „лекува“ пукнатини на собна температура и може да го поправи телефонот со едноставно притискање на раката.

Останува да видиме колку технологијата напреднала во последните години, и што можеме да очекуваме од неа до 2028 година.