Со години е познато дека корисниците на интернет, во потрага по информации ги пребаруваат своите здравствени симптоми на „Google“ и секако добиваат различни (често неприменливи) резултати од пребарувањето.

„Dr. Google“, како што го нарекуваат, само овозможува информации, но не и дијагноза. Но, тоа наскоро би можело да се промени.

Имено, од Google тврдат дека направиле апликација која по својата точност би можела да ги надмине и професионалните дерматолози. А дека се сериозни говори и фактот дека добиле одобрение од ЕУ да ја наречат апликацијата „медицинска“.

Апликацијата која се темели на вештачка интелигенција, за првпат беше прикажана како демо во април на конференцијата на Google. Во текот на демонстрацијата било доволно корисникот да фотографира сомнителна промена на кожата, а апликацијата врз основа на големите бази на податоци дава предлог за што може да станува збор.

Како што истакнуваат од компанијата, вештачката интелигенција на база на стотина илјади фотографии „проучувала“ различни состојби на кожата и може да идентификува 288 промени помеѓу кои и рак на кожата.

Во Google ваквата апликација ја нарекуваат „помошна алатка за дерматолози“ и најавуваат дека таа би можела да се појави во јавноста до крајот на годината, и тоа прво на европското тло бидејќи ЕУ дала одобрение за користење на истата.

Со оглед на фактот дека се зголемува бројот на лица на кои им се детектираат некакви промени на кожата кои можат да бидат и канцерогени, оваа апликација би можела да претставува добра алатка за самоконтрола.

Извор: Zimo.hr