Властите во Холандија имаат намера да користат прототип на футуристички електрични роботизирани чамци во област што опфаќа канали од околу 100 километри во Амстердам, а новите и целосно автономни пловни објекти треба да извршуваат разни задачи, вклучително и превоз на патници и отпад.

Каналите во главниот град на Холандија, чија вкупна должина изнесува 100 километри, се користеле за транспорт многу пред појавата на автомобили и камиони. Новиот проект „Робоут“ има за цел да развие нови начини на минување по водени патишта без користење на човечка рака.

Технологијата беше многу релевантна во високо сложени операции каде што има многу пловила, бродови, кејови и пристаништа. Тука навистина можат да се унапредат безбедноста и ефикасноста преку системот на автономно возење“, изјави Стефан фан Дајк од Институтот за напредни решенија во Амстердам, кој соработуваше со Технолошкиот институт на Масачусетс.

Електричните роботизирани чамци пловат со мала брзина до шест километри на час, со помош на елиса и четири придвижувачи напојувани од електрична батерија. Во зависност од видот и капацитетот на батеријата и количината на товар, чамецот ќе може да плови помеѓу 12 часа и 24 часа со едно полнење.

Чамците од далечина се управувани од компјутер, кој ги обработува податоците од камерите и сензорите кои ја скенираат областа околу пловниот објект, притоа водејќи сметка за неподвижни и подвижни предмети во водата. Електричните чамци се модуларни, така што лесно можат да се прилагодат за различни намени, односно превоз на товар или луѓе.