Резултатите од тестирањата извршени на Марс и тестирањата на Земјата ја разбудија надежта дека навистина се откриени траги на живот на Црвената Планета.

Потрагата по траги кои би укажале дека на Марс некогаш постоел некаков облик на жив свет трае веќе со години, а моментално на Црвената планета има дури три ровери кои имаат иста задача – да пронајдат било какви траги на живот.

Група на научници на NASA смета дека можеби е на добар пат – во својата студија објавена во Journal of Geophysical Research: Planets, научниците објавија дека пронашле траги на органски соли на површината на Марс. Тие сметаат дека солите би можеле да бидат остатоци на органски соединенија кои теоретски би можеле да поддржат микробиолошки организми.

Засега велат „теоретски“ затоа што научниците располагаат со ограничени алатки за анализа, поради што е тешко да се дефинира дали станува збор за органски или аноргански соли.

„Се обидуваме да откриеме милијарда години стари органски хемии, а во таа органска трага би можела да се наоѓа врвната награда – доказ дека некогаш постоел живот на Црвената планета“, изјави лидерот на студијата и органски геохемичар во NASA, Џејмс Луис.

Со оглед на тоа што повеќе детали ќе дознаат кога на Марс ќе пристигне ExoMars, роверот на Европската вселенска агенција, Луис и неговиот тим направиле експеримент на Земјата.

Тие запалиле примерок на органски соли и добиле ист примерок на гасови како и на Марс. Иако тоа не е конкретен доказ и потврда дека има траги на живот на Марс, сепак тоа е најдобриот доказ кој досега го имаат.

Извор: Zimo.hr