Колку Galaxy S21 и S21+ се интересни покрај S21 Ultra моделот и колку со цената им одговараат на можностите кои му ги нудат на корисникот?

Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ

Како и минатата година, Galaxy S21 серијата пристигна во три различни верзии – S21, S21+ и S21 Ultra. По дружењето со еден од најдобрите смартфони на денешницата, моделот S21 Ultra, на ред дојдоа смартфоните наменети за корисниците на кои Ultra им е преголем, а сепак ги посакуваат премиум перформансите на новата генерација телефони на Samsung.

Сличности и разлики

Препознатливиот дизајн на куќиштата на камерите и разнобојните задни страни, кои многу убаво им контрираат на боите на куќиштата кај S21 и кај S21+ се впечатливи елементи на новата генерација на Galaxy S серијата. S21 и S21+ се речиси идентични смартфони, освен според прашањето на димензиите, материјалот на задната страна и батериите. Ова го истакнуваме поради тоа што нема смисла да се одвојуваат двата уреда во било кој друг аспект во текот на тестот, бидејќи користените компоненти во 99 проценти од случаите се идентични.

И веднаш ќе ги напоменете наведените разлики. S21 има пластична матирана задна страна која кај S21+ е изработена од стакло, исто така матирано. Батеријата кај S21 е со капацитет од 4000 mAh, додека кај S21+ е цели 20% поголема, односно 4800 mAh, што прилично се одразува и на автономијата. И секако димензиите. Додека S21 е компактен телефон со дијагонала на екранот од 6,2-инчи и формат 20:9, поголемиот модел S21+ со својот дисплеј од 6,7-инчи, само малку заостанува зад најголемиот модел во серијата – S21 Ultra.

Дизајн

Дизајнот на двата телефони е единствен. Специфичниот модул за камерите кој е споен со рамката на телефонот визуелно ја издвојува S21 серијата од конкуренцијата. Ако се додадат и многуте храбри комбинации на бои како што се виолетова, црвена и златна, малку кој ќе негодува дека ниту една боја не му е по мерка.

Алуминиумската рамка на двата модела дава структурна цврстина, и како кај S21 Ultra, совршено е исполирана и сјајна, додека задната страна успешно контрира со својата мат текстура, како кај модулот за камерите, така и кај капакот на уредот. Стаклениот заден дел кај S21+ визуелно не се раликува од пластичниот на S21, додека малку подобро не се загледате. Видлива е текстура на пластика, која и под рака јасно се чувствува и се разликува од стаклото. Она што е добро е дека Samsung доста се потрудил ова да го скрие. Кога на тоа ќе се додаде фактот дека 95 проценти од корисниците својот S21 или S21+ ќе го носат во некоја футрола, материјалот на задната страна станува помалку или повеќе небитен.

Препознатливиот дизајн веќе виден на S21 Ultra и тука е присутен. Алуминиумската рамка го опкружува целосно рамниот екран и ги обвиткува убаво заоблените рабови на задната страна, со проширување кое се стопува со куќиштето на камерата, сместено точно помеѓу двете линии на безжичните конекции. Сите главни работи се одигруваат на долната страна на куќиштето, барем кога се во прашање конекциите. Тука е USB-C 3.2 портот, слот за nano SIM картичка, примарниот микрофон и главниот звучник. Вториот микрофон и малиот отвор за секундарниот звучник/слушалка се наоѓаат на горната страна, додека копчето за вклучување и копчето за јачината на звукот се сместени на десната страна.

Процепот за слушалката која работи како втор микрофон е екстремно тенок, а горната страна носи дополнителен отвор за излез на звукот надвор од куќиштето, па и тука има движење на звукот во три правци, од кои еден е насочен директно кон корисникот.

Екрани

Кога некој ќе ви каже дека камерата му е најбитен дел од телефонот, знаете дека не е искрен. Елементот кој најмногу се гледа и од чии перформанси најчесто зависи целокупниот впечаток е секако дисплејот. И тука знаеме дека Samsung нема да погреши. Од првиот Galaxy S модел до денес, оваа серија отсекогаш имала најдобри екрани на пазарот, па ни со S21 серијата не е поинаку. Во прашање се Dynamic AMOLED 2X екрани со 120Hz освежување и HDR10+ поддршка, кои имаат само за нијанса послаба осветленост од дисплејот на S21 Ultra. Дијагоналите од 6,2 и 6,7 инчи прават доволно голема разлика за корисниците кои сакаат компактни или големи телефони. Од друга страна, малите рамки околу дисплејот овозможуваат димензиите на уредите многу да не ги надминуваат самите димензии на екранот, а за тоа говори и односот на дисплејот и предната страна од 87,2 отсто кај S21, односно 88,3 проценти во случајот на S21+.

Екраните и задните страни кај двата уреда ја поседуваат најновата Gorilla Glass Victus заштита, а пластичната фолија е залепена на дисплеите на двата модела, како дополнително ниво на заштита. Светлината и приказот на бои се на нивото на флегшип модели за 2021. година, а солидна е и резолуцијата на дисплеите. Galaxy S21 и S21+ располагаат со 2400×1080 пиксели и густина од 421, односно 394 пиксели по инч.

Никако не треба да се заборави ни дека минатогодишните S20 модели имаа ограничување на високата стапка на освежување само при 1080p резолуција, додека на 1440p тоа изнесуваше 60 Hz. Оваа година нема такво ограничување кај сите три модели од S21 серијата, што многу ни се допадна.

Предната камера е централно позиционирана и се наоѓа во punch-hole отвор, кој е прилично мал што не пречи при користењето на смартфонот. Треба да се спомене и дека целата S21 серија ја задржа IP68 отпорноста на вода и прашина. Ултразвучниот сензор за отпечатоци од прсти е сместен под екранот и се чини дека е идентичен како кај S21 Ultra, што значи дека функционира одлично. Прецизноста е добра, а можете да користите и комбинација на сензорот за отпечатоци и отклучување на телефоните со препознавање на лицето.

Хардвер

Хардверската основа на целата S21 серија ја сочинува Exynos 2100 чипсетот, кој кај S21 и S21+ располага со 8GB работна меморија и избор помеѓу 128 и 256GB простор за складирање од UFS 3.1 тип. За графиката е задолжен моќниот Mali-G78 MP14 GPU, за чии перформанси, како и за оние на процесорот не треба да се грижите најмалку до 2024. година. Производниот процес од 5 нанометри со себе донесе и заштеда на потрошувачката на неколку полиња, па Samsung одлучи тоа максимално да го искористи, ставајќи потенки батерии, со цел елеганцијата на смартфоните да остане на високо ниво. S21 располага со 4000 mAh, а S21+ со 4800 mAh батерија. На нашиот десетчасовен тест на репродукција на YouTube видеа, S21 покажуваше 32%, додека S21+ и покрај поголемиот екран покажа 44 проценти батерија. Преведено во реални услови, S21 ќе мора да го полните секоја вечер, евентуално наутро, додека S21+ ќе овозможува ден и половина автономија.

Камери

Наместо четири камери на задната страна како кај S21 Ultra, S21 и S21+ го наследија системот на камери од моделите од претходната генерација, само без ToF сензор. Ова значи три камери и LED блиц одзади и селфи камера однапред. Главната камера е со 12 мегапиксели, 26 мм леќа, сензор со 1,8 µm пиксели, отвор на бленда од f/1.8, PDAF фокус на ниво на два пиксела и оптичка стабилизација. Следи телефото/зум камерата со 64MP со слична оптика од 29 мм, која се користи за хибриден зум без губитоци на квалитетот, со оптичка стабилизација и отвор на бленда од f/2.0. Широкоаголната камера има леќа од 13 мм, која овозможува поле од 120 степени. Отворот на блендата е f/2.2, а оваа камера се користи за снимање на Super Steady видео снимки.

И селфи камерата е иста како и кај S20 моделот. Во прашање е сензор со резолуција од 10 MP со пиксели со големина 1,22 µm и објектив со фокусна далечина од 26 мм, со отвор на бленда од f/2.2.

Преку ден, главната камера на двата телефона продуцира извонредни фотографии. Боите се живи и фотографиите делуваат атрактивно, со доста детали и многу агресивна редукција на шумот. Динамичкиот распон е на нивото што го очекуваме од флегшип модели, со убаво избалансиран однос на најсветлите и најтемните делови на кадарот.

Фотографиите во послабите светлосни услови се многу интересни. Имено, алгоритамот за редукција на шум не е толку агресивен како кај останатите смартфони на Samsung, па сликите се поостри, со видливо повеќе детали. Репродукцијата на бои е на високо ниво, како и ширината на динамичкиот распон. Како и кај Ultra моделот, телефоните автоматски префрлаат во ноќен режим, кога ќе проценат дека во кадарот нема доволно светло, а понатамошното отворање на сенките и најтемните делови се постигнува со ноќниот режим, но имајте на ум дека поради редукцијата на шум, ќе се загуби одредена количина детали.

Телефото сензорот од 64MP постигнува зум со кропирање на централниот дел на фотографиите со полна резолуција. Овој сензор поседува регуларен RGB Bayer филтер, кој не ги групира соседните пиксели, па добиените фотографии се многу детални, со нешто послаба редукција на шумот, што е и очекувано. Приказот на бои е нешто потопол отколку на главниот сензор, а креираните фотографии се многу употребливи, со оглед на тоа дека се работи за хибриден зум.

Ултрашироката камера донесува солидно голем агол на покриеност со многу добри фотографии. Острината опаѓа од средината кон рабовите, но не во мерка тоа да е забележително, освен во крајните точки. Боите се убаво репродуцирани и присутни се доста детали. Едноставно, се работи за добра камера која нема да ве изневери кога ви е потребен нешто поширок кадар и кога тоа не го дозволува главната камера. Нешто помалиот отвор на блендата ќе ви биде благодарен на посветлите кадри, а квалитетот на овие фотографии видно опаѓа со влошувањето на условите на сликање.

Софтвер

Кога е во прашање софтверот, S21 и S21+ го користат Android 11 и One UI 3.1 интерфејсот. Во однос на верзиите 2.5 и 3.0 постојат голем број измени, од приказот на елементите до новите функционалности. Полтиката на тригодишно ажурирање на OS важи кај целата S21 серија, па освен Android 11 кој доаѓа фабрички преинсталиран, Samsung ви гарантира поддршка за Android 12, 13 и 14 до 2023 година. Разликите што ги донесува новиот UI се минимални и суптилни, а оние кои веднаш ќе ги забележите се левиот екран кој сега може да биде Google Discover или Samsung Free, потоа Media и Devices кратенките во менито со известувања, и изместените команди за промена на резолуцијата на видеото во вид на брзи кратенки на врвот на екранот. Тука се новите аудио контроли во паѓачкото мени со известувања, но и можностите за паметење на апликациите кои сте ги користеле во Split Screen режим во Edge панелот, како кај Z Fold 2.

Делот со известувања, подесувања, dialer, пораки и контакти не е променет. Тука е и темната тема, а фолдерите и натаму можат да се именуваат, да се менуваат боите и да се прават слични прилагодувања.

Опциите на подесување се групирани како што сме навикнати, а тука е и прилагодувањето на големината на елементите на системот и фонтовите. Фонтови можат да имаат дури осум различни големини, додека елементите на системот можат да се менуваат во пет различни големини.

Изборот на адаптивно освежување на екранот е топла препорака, а алгоритамот за прилагодување на освежувањето според содржината се труди да ја сочува автономијата на батеријата. Стандардното подесување на екранот е Vivid, со можности на подесување на балансот на црвената, сината и зелената боја. Тука се и дополнителните опции како што се подесувањата на Edge панелот, Easy режимот, избор на навигација, подесување на осетливоста на екранот кога се користи заштита на истиот и уште многу друго.

Заклучок

S21, S21+ и S21 Ultra го сочинуваат богатиот врв на понудата на најдобрите Samsung телефони. Сите три ја делат истата хардверска основа, но најголемите унпаредувања секако се резервирани за најскапиот Ultra модел. Екстремно се слични, освен според димензиите и батериите, а камерите ги наследија од претходната генерација. Во суштина се работи за многу добри телефони, убаво дизајнирани, моќни, со силен хардвер, кои ќе ве држат на самиот врв на смартфон понудата барем уште три години. Камерите поседуваат понов процесор за обработка на фотографиите, кој секако создава разлика на подобро.

Со S21 Ultra, Samsung продава голем број технолошки унапредувања кои компанијата може да ги понуди, додека S21 и S21+ се наоѓаат на истиот бран, ускратени само за екрани со повисока резолуција и уште подобар систем на камери. И додека S21+ и S21 Ultra можат да се пофалат со одлично времетраење на батеријата, најмалиот S21 модел поседува најмала батерија во серијата, ставајќи го единствениот компактен смартфон од S21 серијата во малку подредена положба.

Galaxy S21 (5G 8/128 GB) е достапен во Македонија по препорачана малопродажна цена од 50.999 денари, додека препорачаната малопродажна цена за Galaxy S21+ (5G 8/128 GB) изнесува 62.999 денари.

ПРЕДНОСТИ:

  • Модерен и атрактивен дизајн
  • Најдобри екрани на пазарот со 120Hz освежување
  • Одличен хардвер и перформанси
  • IP68 + Gorilla Glass Victus на екранот
  • Врвни камери
  • Стерео звучници
  • Брз и прецизен сензор за отпечатоци од прсти
  • Dual SIM
  • Матираната задна страна не остава отпечатоци од прсти
  • 5G и WiFi 6E
  • Загарантирани три големи Android ажурирања

Samsung Galaxy S21 спецификации:

  • Екран: Dynamic AMOLED 2X, 6,2 инчи, 2400×1080 пиксели (FHD+), 120Hz, HDR10+
  • Задни Камери: 12 MP (F1.8) + 64 MP (F2.0) + 12 MP (F2.2)
  • Предна камера: 10 MP (F2.2)
  • Видео снимање: 8K@24fps, 4K@30/60fps, 1080p@30/60/240fps, 720p@960fps
  • Процесор: Exynos 2100 (5 nm), Octa-core (1×2.9 GHz Cortex-X1 & 3×2.80 GHz Cortex-A78 & 4×2.2 GHz Cortex-A55)
  • Меморија: 8 GB RAM / 128 GB простор за складирање
  • SIM картичка: Single SIM (Nano-SIM and/or eSIM) or Dual SIM (Nano-SIM and/or eSIM, dual stand-by)
  • Батерија и полнење: 4000 mAh, 25W жично полнење, 15W безжично, 4.5W реверзибилно безжично
  • Димензии: 151.7 x 71.2 x 7.9 мм
  • Тежина: 169 гр
  • Oперативен систем: Android 11, One UI 3.1
  • Препорачана цена: 50.999 денари

Samsung Galaxy S21+ спецификации:

  • Екран: Dynamic AMOLED 2X, 6,7 инчи, 2400×1080 пиксели (FHD+), 120Hz, HDR10+
  • Задни Камери: 12 MP (F1.8) + 64 MP (F2.0) + 12 MP (F2.2)
  • Предна камера: 10 MP (F2.2)
  • Видео снимање: 8K@24fps, 4K@30/60fps, 1080p@30/60/240fps, 720p@960fps
  • Процесор: Exynos 2100 (5 nm),Octa-core (1×2.9 GHz Cortex-X1 & 3×2.80 GHz Cortex-A78 & 4×2.2 GHz Cortex-A55)
  • Меморија: 8 GB RAM / 128 и 256 GB простор за складирање
  • SIM картичка: Single SIM (Nano-SIM and/or eSIM) or Dual SIM (Nano-SIM and/or eSIM, dual stand-by)
  • Батерија и полнење: 4800 mAh, 25W жично полнење, 15W безжично, 4.5W реверзибилно безжично
  • Димензии: 161.5 x 75.6 x 7.8 мм
  • Тежина: 200 гр
  • Oперативен систем: Android 11, One UI 3.1
  • Препорачана цена: 62.999 денари