На онлајн настан беа прогласени победниците на регионалниот натпревар Regional Youth Peace Lab 2021, на кој учествуваа 120 натпреварувачи од земјите на Западен Балкан.

Тимовите се натпреваруваа во три области – образование, подвижност на младите и мир и наследство од минатото. Целта беше да се создадат конкретни предлози за јавни политики за справување со предизвиците со кои се соочуваат сите граѓани од регионот и да се покаже како можат да се надминат проблемите во овие области. После 12 дена работа со 20 ментори, добивме многу иновативни решенија преку кои учесниците сакаат директно да влијаат на својата иднина. За време на дводневниот период на гласање за најдобрите предлози, беа примени повеќе од 5.600 гласови. Целиот натпревар се одвиваше на наменски развиена виртуелна платформа.

„Фондот на популација на Обединетите нации (UNFPA) во Босна и Херцеговина ја цени можноста во рамките на заедничкиот проект на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) да се создаде простор каде ќе се надградува и насочува неискористениот потенцијал на младите од Регионот. Со оглед на ограничувачките околности наметнати од ковид-19 пандемијата, нашата мисија беше да создадеме виртуелно место каде што младите луѓе од Западен Балкан ќе можат да добиваат менторство, поддршка и сѐ што им треба за да изготват најдобри можни предлог-политики, покажувајќи дека младите се секогаш дел од решението – ако им се укаже шанса “ – рече Џон Кенеди Мосоти, UNFPA претставник за Босна и Херцеговина, директор на Фондот за Србија, Македонија и Косово.

Најуспешни во областа „Образование- квалитет и реформа на образованието во регионот за подобро да се одговори на предизвиците во 21 век“ беа Арта Лулгјурај, Азра Хоџиќ и Сухејра Аземи. Најмногу гласови во областа „Младинска мобилност – мобилноста на младите во регионот во поглед на студирање, патување, работа и учење“ стигнаа за Мерсид Кајиќ, Никола Нинковиќ и Сабина Поплата, а најдобри решенија во областа „Мирот и наследството од минатото – оптоварувачкото наследство од траумите кај постконфликтните генерации“ претставија Алида Бојаџиќ, Антигона Имери, Аниса Фејзо, Дајана Салиу, Харис Тутиќ и Лореса Статовци.

Руне Брандруп, младински програмски експерт при Фонд на популација на Обединетите нации (UNFPA), на церемонијата на прогласување на победниците порача дека младите покажале страст, креативност и иновативност, потребни за воспоставување поинаква динамика во регионот на Западен Балкан и соочување со минатото во исто време кога се соочуваме со предизвиците на 21 век.

„Младите луѓе во овој регион можат да постигнат сè ако работат заедно и ги здружат силите на теми што им се важни, а овој натпревар уште еднаш го докажа тоа“, рече Владица Јовановиќ, проект-менаџер во Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

Тимовите беа составени од млади луѓе од Западен Балкан кои преку работа со експерти од различни области на политики, универзитетски професори, поранешни министри, вработени во индустријата и млади експерти, учеа, соработуваа и заеднички осмислија 18 решенија за трите понудени предизвици. Своите решенија ѝ ги претставија на јавноста преку триминутни видео презентации.

Најуспешните учесници освоија вредни награди и сертификат за учество, како и Amazon Kindle уреди и ваучери од наградниот фонд од 5.000 американски долари. Најдобрите политички предлози ќе бидат објавени во книгата “The WB6 Youth Policy Book” и во “The Guide to the Development of Innovative Public Policies”.

Натпреварувањето Regional Youth Peace Lab (RYPL) 2021 е организирано од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), Фондот за градење мир на Обединетите нации (PBF), Програма за развој на Обединетите нации (UNDP) и Фонд на популација на Обединетите нации (UNFPA), во соработка со Фондацијата Мозаик, компанијата Beyond42 и агенцијата Машта.

Церемонијата за прогласување на победниците може да ја погледнете на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=NMZ9NXVOoiI