Се очекува дека Huawei во текот на јуни ќе ја претстави својата P50 серија, која од старт ќе го користи Harmony OS 2.0 оперативниот систем. Иако веќе имавме прилика да видиме рендери за Huawei P50 и Huawei P50 Pro, кои покажуваат две големи камера објективи, сега се појавија фотографии кои сугерираат поинаков дизајн.
Според неименуван дојавувач, телефонот со фотографиите е дел од новата P серија, а судејќи според закривените рабови, веројатно се работи за P50 Pro. Меѓутоа, на системот камера од задната страна му недостасува перископ леќа, што значи дека може да станува збор за стандардниот Huawei P50 модел.
Секако, секогаш постои можност да се работи за лажни фотографии, поточно за лош фотошоп. Исто така, камера модулот потсетува на оној од Mate 30 серијата, што би било необично за Huawei, бидејќи компанијата вложува многу во изгледот на своите уреди и веројатно не се решила да го рециклира стариот дизајн.
Останува да се види дали на фотографиите се прикажани претходни прототипи на Huawei P50 или уредот ќе задржи некои од видливите елементи на дизајнот.