Вообичаено, Qualcomm секој декември го одржува својот Snapdragon Technology Summit на Мауи, но поради Ковид-19 пандемијата, оваа година настанот ќе биде одржан виртуелно. Компанијата испрати покани за дигиталниот настан, што ќе биде одржан на 1 и 2. декември.

Се очекува дека Qualcomm во текот на овој настан ќе го претстави новиот премиум чипсет за паметни телефони – Snapdragon 875. Snapdragon 8 серијата чипови беше главна одлика на овој настан од неговото основање. Минатата година имавме прилика да ја видиме и Snapdragon 7 серијата, која ја имплементираше 5G технологијата.

Засега не е официјално познато што би можеле да видиме во текот на Snapdragon Technology Summit оваа година. Можно е дека фокусот ќе биде на 5G иновациите и вкупната визија и стратегија на Qualcomm за следниот период.

Qualcom неодамна го освежи Snapdragon 8cx, преку 8cx Gen 2 5G моделот, па во декември би можеле да видиме и поголема објава. Исто така, неодамна е освежен и Snapdragon Wear со моделот 4100 за носечките уреди.