Со избувнувањето на пандемијата на коронавирусот многу научници се обидоа да проучат дали има групи на луѓе кои имаат поголема веројатност да добијат Ковид-19. Едно истражување покажа дека луѓето со крвна група А имаат поголем ризик да бидат заразени со коронавирус.

Но, новото американско истражување, најголемото од овој вид досега, заклучило дека нема доволно докази кои сугерираат дека крвната група влијае на ризикот од тешка форма на Ковид-19 или на можноста за зараза со коронавирус во рана фаза.

Студијата вклучува околу 108.000 луѓе кои биле тестирани на коронавирус или биле хоспитализирани во три американски држави поради вирусот. Резултатите од оваа студија, објавени во американското медицинско списание „JAMA нетворк опен“, покажаа дека не е пронајдена значителна корелација помеѓу крвната група и коронавирусот, сериозноста на симптомите на болеста и веројатноста за хоспитализација поради Ковид-19.

Водечкиот автор на студијата, д-р Џефри Андерсон, вели дека истражувачите не нашле корелација помеѓу крвната група и веројатноста од зараза со коронавирус, односно сериозноста на клиничката слика.

„Веруваме дека веројатно нема значителна врска помеѓу коронавирусот и Ковид-19 од една страна и крвните групи од друга страна“, велат истражувачите.