Од април, Huawei ќе го исфрли Android од своите претстојни телефони. Ова е кулминација на санкциите наметнати врз кинеската компанија од администрацијата на САД и кои го спречија Huawei да соработува со компании од Америка, вклучувајќи го и Google.
Наместо Android 11, новите уреди Huawei ќе го користат сопствениот софтвер HarmonyOS на компанијата. Веста за овој потег беше откриена за време на најавата за новиот флексибилен телефон Mate X2, кој беше официјализиран претходно оваа недела. Huawei тогаш истакна дека, иако Mate X2 по објавата пристигнува со Android платформата, корисниците ќе можат да се префрлат на HarmonyOS, кога софтверот во април ќе стане официјално достапен.
Huawei веќе некое време нуди алтернатива на услугите на Google, преку App Gallery што е пандан на Play Store. Оваа продавница за апликации значително напредуваше од објавата и сега нуди милиони популарни и официјални апликации, вклучувајќи ги TikTok, Snapchat и Amazon. Се разбира, тука ги нема апликациите на Google, како што се Gmail, Maps или Docs, но Huawei се обидува да го реши овој проблем со објавување на своите верзии на овие апликации.
Останува да видиме како ќе функционира HarmonyOS и дали може целосно да се натпреварува со екосистемот на Google. Можно е ова да го видиме веќе со објавата на Huawei P50 линијата, што се очекува наскоро.