Со следење на варијабилноста на отчукувањата на срцето, односно брзината на отчукувањата, можно е да се открие инфекција со коронавирус до една недела пред појавата на симптомите.
Во текот на изминатата година, веќе се објавени некои истражувања кои го покажаа големиот потенцијал на носечките уреди при раното откривање на инфекцијата со коронавирус. Неодамна беа објавени резултатите од две други студии, чиј заклучок е сличен и покажува дека благодарение на податоците од паметните часовници, можно е да се открие дека некој е заразен со SARS-CoV-2 вирусот неколку дена пред да се развијат симптомите, па дури и кога е прерано тестовите на заразените лица да бидат позитивни.
Едно истражување е спроведено кон средината на минатата година меѓу здравствените работници во болницата Mount Sinai Health System во Њујорк, а сите луѓе што учествуваа во него го носеа паметниот часовник на Apple. Параметарот што во истражувањето се покажа од најголемо значење, односно оној што укажува на потенцијалната зараза со Ковид-19 е променливоста при отчукувањата на срцето, односно следењето на варијациите во временските интервали помеѓу отчукувањата на срцето.
Според авторот на студијата, Роб Хиртен, веќе е познато дека варијабилноста на срцевиот ритам укажува на воспалителни процеси во организмот, а променливоста се јавува кај луѓе со заболени од Ковид-19. Ваквите промени во временските интервали помеѓу отчукувањата на срцето се пониски кај луѓето заразени со коронавирусот и може да се детектираат до седум дена пред појавата на симптомите.
Една од карактеристиките на SARS-CoV-2 вирусот е тоа што многу заразени немаат никакви симптоми, што е една од главните причини за неговото брзо ширење меѓу луѓето. Раното откривање на инфекцијата, како и откривањето на луѓе кои немаат изразени симптоми, но се заразени, може барем делумно да го спречат ширењето на овој вирус, кој во многу земји се чини дека излезе надвор од контрола. Голема улога во тоа може да имаат носечките уреди, вклучувајќи ги и паметните часовници.
Во друго истражување спроведено од научници од Стенфорд, користени се уреди за следење на активностите на повеќе компании, вклучувајќи ги Apple, Garmin и Fitbit.. Во студијата учествувале повеќе од 5.000 луѓе, а научниците проучувале податоци од 32 лица, кои во текот на времето на истражувањето се разболеле од Ковид-19. Параметарот што укажуваше на инфекција со коронавирус во оваа студија беше отчукувањето на срцето во мирување, односно неговото зголемување. Врз основа на податоците од паметните часовници, научниците успеаја да идентификуваат речиси две третини од случаите на инфекција со коронавирус, четири до седум дена пред да се појават симптомите.