Компанијата за сајбер безбедност Surfshark спроведе истражување во 117 земји за квалитетот на дигиталниот живот.

Според оваа глобална студија, Македонија е рангирана на 60 место по квалитет на дигитален живот во 2022 година во светот, а на 34 во Европа.

Кога станува збор за соседството, Србија е на 48, Грција на 39 место, Унгарија е на 27 место, Бугарија е 30, Хрватска е на 31 место, додека Словенија е 32. Комплетниот извештај можете да го погледнете овде.

Студијата користи пет основни темели кои го дефинираат дигиталниот квалитет на живот (DQL). Индексот DQL (Digital Quality Life Index) ги оценува земјите врз основа на е-безбедноста, пристапноста до интернет, квалитетот на интернетот, е-инфраструктурата и е-владеењето.

На глобално ниво, најдобар квалитет на дигитален живот е постигнат во Израел, кој ја турна Данска на второто место. Германија е трета, а во првите пет се и Франција и Шведска.

Интересно е што од десетте земји со најдобар DQL индекс, седум од нив доаѓаат од Европа. На дното на листата на дигитални истражувања за квалитетот на животот се ДР Конго, Јемен, Етиопија, Мозамбик и Камерун.