Qualcomm официјално го објави Snapdragon 480 – најновиот процесор со 5G можности и првиот од Snapdragon 4 серијата, што ќе овозможи работа на буџетските Android 5G телефони. Се работи за уреди кои би требало да имаат подостапни цени од сите досегашни Qualcomm 5G проекти.

Новиот Snapdragon беше тестиран на IFA 2020, но последната најава ги донесува првите вистински детали за процесорот. Се дознава дека Snapdragon 480 има интегриран Snapdragon X51 модем со поддршка за mmWave и sub-6GHz мрежи. Овој потег може да биде еден од најважните чекори во настојувањето 5G мрежата да стане подостапна, и што поскоро да стигне до голем број корисници ширум светот.

Повеќето 5G телефони во моментов чинат повеќе од 500 долари, а технологијата е достапна само во рамките на премиум уредите. Серијата Snapdragon 4 би можела тоа да го промени, бидејќи Qualcomm работи на тоа производителите да можат да ја вклучат 5G технологијата во своите буџетски производи, чија цена изнесува од 125 до 200 долари. Ова значи дека 2021. година може да стане година на достапните 5G телефони, а благодарение на Snapdragon 480 процесорот.

Snapdragon 480 не е интересен само поради 5G технологијата, туку се работи за производ што значајно ќе ги подобри перформансите на уредите на кои ќе се најде.