Според новиот извештај објавен од компанијата Counterpoint, MediaTek ја зазеде првата позиција и стана најголемиот производител на чипсети за паметни телефони. Во Q3 2020 година, успеа да го престигне Qualcomm по бројот на продадени смартфони. Имено, во текот на третиот квартал се продадени повеќе од 100 милиони телефони базирани на MediaTek процесори, што е зголемување за околу пет проценти во споредба со истиот период минатата година. Во истиот временски период, приходите се зголемиле за речиси 50 проценти.

Според Counterpoint, заслугата за овој успех се должи на продажбата на чипови од средна класа, во опсег на цени од 100 до 250 долари, како и големиот раст на продажбата на телефони од средна класа во Индија, Кина и Јужна Америка. Друг важен фактор е пополнувањето на просторот добиен како резултат на санкциите против Huawei. Многу производители на смартфони одлучија да користат достапни MediaTek чипови произведени од TSMC, еден од најголемите OEM производители на чипови во светот. Комбинацијата на овие фактори му обезбеди на MediaTek удел на пазарот од 31 процент, додека Qualcomm во истиот период држеше 29 проценти од пазарот.

Во областа на 5G технологијата, водечки производител е сепак Qualcomm. Иако глобалната транзиција кон 5G не покажува знаци на забавување, најголемите пазари на мобилни телефони се земјите во развој, каде оваа технологија сè уште нема да биде достапна. Таму се најпродавани телефоните од средна класа, а MediaTek се чини дека е тука најсилен. Затоа, се очекува и во следниот период овие чипови да бидат водечки во сегментот на телефони со достапна цена.