Социјалната мрежа Twitter се приклучи во војната против дезинформациите за вакцинацијата против коронавирусот и од денеска ќе почне со бришење на најштетните дезинформации за вакцинацијата и вакцината, а објави дека твитови што содржат неверодостојни информации да бидат посебно обележани.

Twitter соопшти дека новите правила се воведуваат „бидејќи во светло на глобалната пандемија, дезинформациите за вакцините претставуваат значајна и растечка закана за јавното здравје“.

„Фокусирани сме на неутрализирање на погрешните информации што потенцијално можат да предизвикаат сериозна штета врз здравјето и благосостојбата на луѓето. Твитер има важна улога како место, каде луѓето со добра волја, разговараат и дискутираат за клучните здравствени проблеми“, се наведува во соопштението на Twitter.

Со најновите проширени правила во борбата против дезинформациите, Twitter го следи примерот на платформите, како Facebook и YouTube, кои веќе донеле слични одлуки.

Facebook веќе спроведува политика на отстранување пораки со лажни информации за коронавирусот што можат да предизвикаат „неизбежни физички штети“, а претходно овој месец ја прошири ваквата политика со објавите со тврдења за вакцината што експертите недвосмислено ги демантираа, како што се теориите на заговор за микрочипови или лажни тврдења за безбедноста на ефикасноста, состојките или несаканите ефекти на вакцината.

Меѓутоа и Facebook доцнеше зад YouTube, кој од октомври почна да ги блокира и отстранува дезинформациските објави за потенцијалните вакцини.

И Twitter досега можеше да побара од корисниците да отстранат содржина со лажна или погрешна информации поврзана со пандемијата на Ковид-19, доколку таа се однесува на природата на вирусот, начинот на неговото ширење, ефикасноста на превентивните мерки и третманот, како и официјалните мерки и ограничувања.