iPhone има цврсто упориште во Кина, вели извршниот директор на Apple, Тим Кук.

И покрај благиот пад на вкупните приходи и жестоката конкуренција од локалните брендови, iPhone ја задржа својата привлечност, па дури и постави рекорд на продажба во Кина во текот на третиот квартал, додаде Кук.

Иако Apple се соочува со пречки поради геополитичките тензии и послабиот прием на серијата iPhone 15 во споредба со неговите претходници, компанијата има причина да биде оптимист.

Падот на продажбата на паметни телефони во Кина се чини дека забавува, што укажува на тоа дека пазарот можеби се стабилизира. Покрај тоа, серијата iPhone 15 доживеа намалување на цените на кинеските онлајн продавници непосредно пред денот кога вообичаено има големи продажби во Кина, 11.11, што навестува потенцијално зголемување на продажбата.

Кинескиот Huawei Mate 60 е најголемиот конкурент на „јаболкото“ на овој пазар, но од компанијата тврдат дека очекуваат добри резултати во текот на претстојната празнична сезона, пренесува Gizmochina.

Неодамнешната посета на Тим Кук на Кина, која вклучуваше средби со добавувачите на Apple, зборува во прилог на нивната желба да останат конкурентни во најнаселената земја во светот, а во исто време и на еден од најважните пазари.