Новата руска орбитална станица, на чиј проект работи ракетно-вселенската корпорација Енергија, ќе може да работи бесконечно долго, покажуваат документите на корпорацијата во кои имала увид новинската агенција РИА Новости.

Трајноста се постигнува, пред сè, со менување на модулите.

Раководителот на Институтот за вселенска политика Иван Мојсеев изјави дека, ако од старт се тргне од принципот дека модулот го отслужил своето и дека се заменува со друг, тогаш станицата станува „вечна“.

Русија има големо искуство во изградба на орбитални станици, но за секоја досега беше одреден рок на користење.

Станицата Мир првично требаше да биде во употреба пет години, а работеше 15, рокот за употреба на Меѓународната вселенска станица (ИСС) беше 15 години, но станицата трае 26 години, а се разгледува можноста за нејзина употреба до 2030 година.

Досега никогаш не била размислувано за можноста една орбитална станица да трае вечно.

Заменикот на главниот конструктор во корпорацијата Енергија Владимир Соловјев во октомври изјави дека новата орбитална станица по конструкцијата ќе личи на станицата Мир и дека ќе има најмалку пет модули.

Новата станица би требало да биде поголема од Мир и рускиот дел на ИСС, а нејзината позиција во орбитата на височина од 400 километри и под агол од 98 степени би овозможила надгледување на целата површина на Земјата, пред сè на Арктикот и Северниот морски пат.

Извор: B92.net