Huawei минатиот месец ја објави продажбата на својата филијала Honor на конзорциум од Кина. Недолго потоа, почнаа да се појавуваат гласини дека смартфон брендот ќе објави премиум телефон со Qualcomm Snapdragon 888 чипсет. Најновиот извештај сугерира дека Qualcomm и Honor веќе воделе разговори за обезбедување на Qualcomm чипови за Honor уредите.

Во извештајот, извор близок до Qualcomm истакнува дека Honor и производителот на чипови веќе разговарале за испораката на чипови за идните смартфони на Honor. Според наводите, компанијата е прилично оптимистична кога се во прашање овие преговори и двете страни се блиску до постигнување договор.

Извршниот директор на Honor, Жао Минг претходно истакна дека Honor има цел да стане најголем бренд за производство на телефони на кинескиот пазар. Ова наводно е истакнато во текот на состанокот на вработените во компанијата. Покрај тоа, истакнато е и дека Honor планира објава на други уреди, надвор од екосистемот на паметни телефони.