Она што во август почна како притаена гласина, а во текот на претходните месеци доби повеќе внимание, сега изгледа дека може да се обистини – Samsung навистина ќе престане со производство на Galaxy Note линијата телефони.
Најнова потврда за овие наводи пристигнува од Reuters, а заснована е на информации од три извори кои имаат сознанија за оваа тема.
Наводниот потег на јужнокорејската компанија е последица на послабата побарувачка за премиум телефоните среде ситуацијата со Ковид-19 пандемијата. Samsung наводно планира релокација на своите развојни ресурси, која ќе ја насочи кон линијата на флексибилни телефони.
Еден од изворите, исто така, споменува дека Samsung планира да овозможи S Pen поддршка за Galaxy S21 Ultra и следниот флексибилен телефон на компанијата. Малиот стајлус во двата случаја ќе се продава засебно.
Останува да се види дали споменатите гласини ќе се обистинат, а дел од нив би можеле дс бидат потврдени веќе во јануари, кога се очекува објава на Galaxy S21 серијата смартфони.