Иако Apple досега не објави никакви информации за 16-инчниот MacBook Pro лаптоп, како ни за Apple M1X процесорот, дојавувачот LeaksApplePro истакна дека споменатиот чип ќе дебитира на поголемиот MacBook Pro модел со големина на екран од 16 инчи.

Покрај тоа, објавени се и некои детали за наводниот M1X процесор, со напомена дека името на чипот не е конечно. Дојавувачот сега истакнува дека процесорот ќе биде уште помоќен од актуелниот M1 чип, кој се наоѓа во најновите MacBook модели.

М1 чипот има осум јадра, а се сугерира дека М1Х ќе има 12 јадра – осум задолжени за перформанси и четири ефикасни јадра. LeaksApplePro додава дека MacBook Pro со M1X процесор ќе биде претставен преку соопштение за медиумите, но не е објавено кога.

16-инчниот MacBook Pro е најмоќниот модел во лаптоп понудата на Apple, а може да се конфигурира со до Intel Core i9 процесор со осум јадра. Доколку постои модел со M1X чип, ќе биде интересно да се види какви перформанси ќе оствари, ако ги земеме предвид активното ладење, големината и многу повеќе.

Дојавувачот во својата објава дополнително ја скокотна имагинацијата со изјавата: „Ако мислевте дека М1 е брз, почекајте да го видите М1Х“.