Пред околу 4,5 милијарди години, нешто големо колку Марс се судрило со новоформираната Земја, имајќи огромен ефект. Се мисли дека овој објект не само што се соединил со Земјата и ја подготвил за живот, туку истиот откршил голем дел кој подоцна се претворил во Месечината.

Оваа приказна е позната како хипотезата на големиот судир; објектот голем колку Марс е наречен Теја, а научниците веруваат дека за прв пат нашле траги од Теја во Месечината.

Со години, хипотезата на големиот судир е претпочитаниот модел за објаснувањето на создавањето на Месечината.

„Овој модел успеа да ја објасни тогашната анализа на примероци вратени од Аполо мисиите, која ги вклучува ниската содржина на железо во споредба со Земјината, недостатокот на променливи елементи и обогатувањето со елементи со висока точка на топење, истовремено одбегнувајќи ги дупките во претходните теории,“ пишуваат истражувачи од Ново Мексико во нивниот труд.

Но имаше една голема пречка.

Моделите предвидоа дека 70 до 90 проценти од составот на Месечината би требало да биде измешана и преобликувана Теја. Но изотопите на кислород во месечевите примероци од Аполо беа многу слични на Земјините – и многу различни од изотопите на другите објекти во Сончевиот систем.

Едно можно објаснување е дека Теја и Земјата можеби имале слични состави. Може да се каже и дека се се измешало за време на судирот, што не изгледа веројатно според симулациите.

Исто така, воопшто не е веројатно – што се однесува на изотопите на кислород – Теја да имала сличен состав со Земјата. Ова значи дека ако Месечината е воглавно составена од Теја, нејзините изотопи на кислород би требало да се различни од Земјините.

Оваа сличност е голема главоболка за хипотезата на голем судир. Со текот на годините истражувачи имаат објавено неколку истражувања обидувајќи се да ја објаснат.

Оттаму доаѓа и идејата дека Теја се соединила со Земјата. Друго истражување предложило дека судирот создал облак од прашина кој подоцна станал Земјата и Месечината. Друго предложило дека Земјата и Теја се формирале близу една до друга. А други сакале одново да ја испишат историјата.