Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ги објави извештаите за состојбата на квалитетот на јавни електронски комуникациски услуги обезбедени преку јавни електронски комуникациски мрежи за населените места Тетово и Илинден кои се базираат на мерењата кои АЕК ги спроведе во период од 16.10.2020 до 04.11.2020. Во овие мерења беа опфатени и населените места Скопје, Куманово и Желино за кои Агенцијата веќе објави извештаи.

Направените мерења се обврска која произлегува од Правилникот за параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги обезбедени преку јавни радиокомуникациски мрежи, според кој АЕК ги контролира и мери параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги. Мерењата се однесуваат на безжичните услуги кои ги пружаат операторите А1 Македонија ДООЕЛ и Македонски Телеком АД Скопје.

Извештајот за населеното место Тетово покажува дека, независно од технологијата, операторот А1 обезбедува 100% покриеност со сигнал, а Македонски Телеком 99,85%. И кај двата оператори не се забележани прекинати повици, додека А1 нема неуспешни повици, а кај МТ се измерени 0,8%. И двата оператори обезбедиле приближно ист квалитет на говор и време за воспоставување повик далеку пониско од 7 секунди зададени од АЕК.

Во поглед на брзината на пренос на податоци, во Тетово за симнување фајл со големина од 10GB операторот А1 Македонија обезбедува брзина за пренос на податоци од 100,929 Mbps, додека кај Македонски Телеком била измерена брзината од 76,002 Mbps.

На подрачјето на Општина Илинден и двата оператори имале 100% достапност, операторот А1 немал неуспешни и прекинати повици, додека кај Македонски Телеком биле измерени 1,1% неуспешни и 2,2% прекинати повици. Задолжителната целна вредност дефинирана од АЕК и за двата параметри била помалку од 2%.

На ова подрачје Македонски Телеком обезбедува помала брзина на пренос на податоци од задолжителната целна вредност дефинирана од АЕК која е утврдена да мора да биде поголема од 55.000Mbps. Брзината со која корисниците на мобилен интернет на Македонски Телеком  можат да симнат фајл од 10 GB на подрачјето на Општина Илинден изнесува само 31,039 Mbps. Кај операторот А1 измерената брзина на пренос била 82,530 Mbps.

Извештаите од извршените мерења на АЕК се објавени на https://komuniciraj.mk/mk/izmereni-parametri-za-kvalitet-2020/.