Истражувањето на агенцијата „Адреналин хантер“ покажува дека поради пандемијата со КОВИД-19 околу 69 проценти од Европејците ги промениле своите планови за ова лето, па така околу 35 проценти од испитаниците планираат пократок одмор, а 40 проценти го откажуваат бидејќи имаат помал буџет.

Годинава најголем дел од испитаниците планираат одмор во својата земја, со повеќе активности на отворено и патување со сопствен автомобил.

Кај нас државата ги отвори границите и веќе подолго време се тргнати некои од рестрикциите за движење, но корона кризата не стивнува. Властите неодамна ги објавија и здравствените протоколи за на плажа и базен, со што полека станува јасно дека и летните одмори, нормално, ќе ги планираме во рамките на новото.

Според истражувањата на европскиот пазар, околу 55 проценти од испитаниците планираат летниот одмор да го поминат во својата земја, 22 проценти се откажале и нема да планираат одмор ова лето, а само 16 проценти планираат да летуваат во друга земја.

Состојбата на границите во регионот се менува од час во час и речиси е невозможно да се планира подолгорочно, па за многумина побезбедна варијанта е летување на некоја од домашните дестинации.

Интересно е дека главен фактор за избор на дестинација според истражувањето на агенцијата „Адреналин хантер“ за 54 проценти од испитаниците е избегнувањето на гужви, додека 56 проценти рекле дека ќе бараат одмор со повеќе активности на отворено. За 32 процента од испитаниците клучно за избор на дестинација бил начинот на транспорт – односно рекле дека ќе избегнат дестинации до кои е неопходно користење на јавен транспорт – како, на пример, авион, метро или автобус.

Патувањето со автомобил гарантира најдобро држење дистанца и е најбезбеден транспорт во време на корона кризата. Единствен пресметан ризик-фактор е кога се застанува на бензинска станица или кога се прават паузи, па затоа е неопходно строго почитување на сите здравствени протоколи, како што се, на пример, носење заштитна маска и држење на дистанца.

Пред заминување на одмор со автомобил, освен задолжителната проверка на техничката исправност на возилото, сега треба да се опремите и со соодветни резерви на лична заштитна опрема како што се: маски и средства за дезинфекција. Колку добро и да сте истражиле не можете да бидете сигурни за достапноста на вакви средства и нивната цена.

Опремете се со голем број влажни марамчиња на база на алкохол, ќе ви бидат особено корисни за паузите по пат, но и на плажа, во продавница и слично.

Избегнувајте гужви и запирање на места кои ги посетуваат сите и задолжително придржувајте се кон безбедносните протоколи на бензинските станици и местата каде правите паузи.