Новите модели на паметните телефони на Apple, iPhone 12 и iPhone 12 Pro пристигнаа на македонскиот пазар, а од денеска официјално почна нивната продажба во единствениот Apple Premium Reseller во Македонија, iSTYLE, лоциран во Скопје Сити Мол. Покрај во iSTYLE, новите iPhone 12 модели може да се купат и во сите продавници на НЕПТУН, како и во продажните салони на телекомуникациските оператори Македонски Телеком и А1 Македонија. Останатите два модела од iPhone 12 серијата – iPhone 12 mini и iPhone 12 Pro Max ќе почнат да се продаваат во Македонија кон крајот на месецот.
iPhone 12 се нуди во пет бои (црна, бела, сина, зелена и црвена), а ќе се продава во верзии со 64, 128 и 256 GB простор за складирање. Неговите цени се движат од 59.990 денари, колку што е потребно да се издвои за верзијата со 64 GB, 62.990 денари за 128 GB и 71.990 денари за верзијата со 256 GB.
Поскапиот iPhone 12 Pro e достапен во четири бои (пацифик сина, графит, сребрена и златна) со капацитет на меморијата од 128 GB, 256 GB и 512 GB. Цените на стандардниот модел ќе изнесуваат 76.990 за верзијата со 128GB, 84.990 за моделот со 256GB и 99.990 денари за верзијата со 512GB простор за складирање.
Новиот iPhone 12 е потенок, помал, полесен и има помали рамки околу дисплејот во однос на iPhone 11. Дизајнот на телефонот го карактеризира алуминиумска рамка со рамни рабови во црна, бела, црвена, зелена и сина боја. iPhone 12 користи 6,1-инчен OLED Super Retina XDR дисплеј, со висок контраст и 460 ppi. Максималното осветлување од 1200 нита се постигнува во HDR, а поддржани се Dolby Vision, HLG и HDR 10. Резолуцијата на екранот изнесува 2530 x 1170 пиксели.
Компанијата ги редизајнираше и своите премиум модели, кои сега имаат квадратест изглед со рамни рабови, по примерот на iPad Pro. За разлика од стандардниот iPhone 12, Pro уредите имаат рамка од нерѓосувачки челик и се достапни во четири бои: сива графит, сребрена, златна и новата пацифик сина.
Новите iPhone 12 и iPhone 12 Pro го покренува и нов чипсет – A14 Bionic. Се работи за прв мобилен чипсет креиран во 5nm процес, а составен е од шест процесорски јадра и четири GPU јадра. Во него има 11,8 милијарди транзистори и neural engine со 16 јадра, што може да извршува 11 билиони операции во секунда.
Поврзани артикли