Кинеската технолошка компанија Huawei планира да отвори сопствена фабрика за чипови, како одговор на американските мерки кои опфаќаат ограничувања на чиповите, во чие производство се користи американска технологија, пишува Фајненшал тајмс (ФТ).

Според изворите на ФТ, новата фабрика ќе биде отворена во Шангај и нема да користи американска технологија, со што ќе му овозможи на Huawei да се ослободи од зависноста од чиповите кои ги произведуваат САД и ќе обезбеди снабдување со потребните компоненти, и покрај ограничувањата од таа држава.

Новата фабрика на почетокот ќе експериментира со производство на 45-нанометарски чипови. Таа технологија пред 15 години ја користеле светските лидери во таа област.

Huawei има намера да започне со производство на напредни чипови од 28 нанометри до крајот на 2021 година и од 20 нанометри, кои можат да се употребуваат во повеќето 5G апарати на Huawei, до крајот на 2022 година, наведува ФТ.

Американското Министерство за трговија во август оваа година наметна ограничувања за 38 подружници на Huawei за пристап до производи создадени со помош на американска технологија и софтвер.