Неколку дена пред објавата, страницата WinFuture го расипа изненадувањето и ги објави речиси сите информации, како и официјалните фотографии од Huawei Mate 40 Pro.

Според сајтот, Mate 40 Pro воопшто нема да изгледа како неговиот претходник. Телефонот е тежок 212 грама, има должина од околу 163 милиметри и дебелина од 9,1 милиметри.

На предната страна, телефонот има 6,76 инчен дисплеј со waterfall екран и физички копчиња од десната страна. Резолуцијата на екранот изнесува 2772 x 1344 пиксели и има сензор за отпечатоци под екранот. На горниот дел од екранот има отвор за селфи камера од 13MP и 3Д сензор што ќе пружа поддршка за гестикулација.

Задната страна на телефонот ги имплементира најголемите промени кога станува збор за дизајнот. Системот на камерата е сместен во кружен, прстенест модул и вклучува 50MP главен сензор, со отвор на бленда f/1.9 и поддршка на OIS. Постојат и широкоаголен сензор од 20MP, сензор за зумирање од 12MP, автоматски фокус со ласер, сензор за температура на бојата и LED блиц.

Кога станува збор за хардверот, извештајот сугерира дека Mate 40 Pro ќе користи осум-јадрен чипсет Kirin 9000. Чипот има четири ARM Cortex-A55 јадра @ 2.54GHz, три Cortex-A77 јадра @ 2.54GHz и едно Cortex-A77 јадро @ 3.13GHz.

На корисниците во Кина ќе им бидат достапни модели со 12GB RAM меморија, додека меѓународните пазари ќе мора да се задоволат со модели со 8GB меморија. Што се однесува до складирањето, достапни се 256 GB UFS 3.1 и за проширување ќе биде потребна Huawei NM картичка.

Уредот се напојува од батерија од 4400mAh, со поддршка за брзо полнење од 65W. Исто така има поддршка за NFC, Bluetooth 5.2, како и Wi-Fi 6.

Huawei Mate 40 Pro нема да има поддршка за услугите на Google и нема да дебитира со поддршка за Android 11. EMUI 11, базиран на Android 10, ќе биде достапен од стартот заедно со мобилните услуги на Huawei.

WinFuture не објави информации за цената, но дојавувачот @Rodent950 сугерира дека Mate 40 Pro ќе чини 1100 евра.

Истиот дојавувач објави и фотографија од задниот дел на Huawei Mate 40 RS моделот. Телефонот ќе има систем на октагонална камера, со вкупно пет камери: 50MP главен сензор, 20MP ултра широк, 8MP оптички зум сензор со 3х опсег и 8MP зум со 10x опсег. Системот на камерата го заокружува ToF сензорот.

Според информациите на дојавувачите, Huawei Mate 40 RS се очекува во Европа по цена од 2500 евра.

Huawei ќе ја одржи презентацијата на Mate 40 линијата на 22. октомври, кога ќе ги дознаеме официјалните детали за моделите, спецификациите, достапноста и цената на новите телефони.