По објавата на OnePlus Nord CE 5G и OnePlus Nord N200 5G телефоните минатиот месец, OnePlus сега се подготвува за претставување на уште еден уред од Nord семејството – OnePlus Nord 2 5G.

Сега дојавувачот @stufflistings сугерира дека Nord 2 5G би можел да биде официјално објавен во текот на последните десет дена на јули. За телефонот во изминатите неколку недели дознавме доста преку различните вести и гласини.

OnePlus Nord 2 5G би требало да имплементира свеж дизајн, кој е поинаков од минатогодишниот модел. Системот на камери на задната страна сега е посличен на оној на OnePlus 9 серијата, со поинакво распореден систем на камери и блиц.

Во прашање е систем со три камери, а се очекуваат 50MP главен сензор, 8MP ултраширок и 2MP сензор за длабочина. Од предната страна на телефонот се очекува 32MP селфи камера, сместена во punch-hole отвор во горниот лев агол на екранот.

Nord 2 5G би требало да има MediaTek Dimensity 1200 чипсет, до 12GB RAM и 256GB простор за складирање. Ќе го напојува 4500mAh батерија со поддршка за 30W или 65W брзо полнење.