Facebook направи прв голем чекор во интеграцијата на WhatsApp, Messenger и Instagram, а нивната интеграција би можела да ја зацементира доминацијата на Facebook на пазарот, и покрај тоа што се соочува со контрола и недоверба од Вашингтон.

Некои корисници на Instagram сега ќе можат да им испраќаат на своите пријатели пораки на Messenger и покрај тоа што немаат профил на Facebook. Оваа можност моментно се тестира на избрани пазари, а глобално би требало да се прошири и во следните месеци.

Оваа идеја не наиде на одобрување кај сите, бидејќи постои мислење дека поврзувањето би отворило поголеми можности за вознемирување, но Instagram порача дека корисниците секогаш можат да блокираат некого во различните апликации. Покрај тоа, додадени се и нови поставки на приватност, така што корисниците можат да одлучат кој може да ги контактира, а постои можност за исклучување на оваа опција на примање на пораки од друга социјална мрежа.

Покрај допишување, овие две социјални мрежи ќе добијат и некои надградби, како што се селфи стикери, можност за гледање на IGTV и Facebook видеата и на Instagram и на Messenger, а ќе биде вклучена и опцијата „Vanish Mode“, во која пораките исчезнуваат автоматски откако ќе бидат прегледани.

Facebook прв пат овие интеграциски планови за овие социјални мрежи ги искажа во март, 2019. година, а идејата беше луѓето кои имаат само WhatsApp, да имаат можност за испраќање пораки и на Messenger, без потреба од преземање на апликацијата.

Најпознатата социјална мрежа го купи Instagram во 2012. година, а WhatsApp во 2014, додека Messenger апликацијата ја развија сами во 2011. година.