Јапонската компанија SkyDrive демонстрираше тест возење со летечки автомобил, а се работи за првата ваква демонстрација на овој вид возила во јапонската историја. Пилотот полета со автомобилот „СД-03“ и кружеше на теренот околу четири минути.

„Сакаме да создадеме општество во кое летечките автомобили се достапно и прифатливо превозно средство, каде луѓето можат да доживеат безбеден и удобен нов начин на живот“, рече директорот на компанијата Томохиро Фукузава.

Моделот „СД-03“ е најмалото електрично возило за полетување и слетување на светот и зафаќа простор од околу два паркирани автомобили, соопштија од компанијата. Има осум мотори кои обезбедуваат „безбедност при итни случаи“.

Компанијата се надева дека летечки автомобли наскоро ќе станат составен дел од нормалниот живот, а во иднина планираат да направат повеќе тест возења во различни услови, како би се осигурало дека безбедноста и технологијата на возилото ги исполнуваат индустриските стандарди.

Компанијата има намера летечкиот автомобил да го понуди на пазарот во 2023 година, но нема информација за тоа колкава би била цената за возилото.