Коронавирусот различно влијае на луѓето – кај некои лица предизвикува само благи симптоми, а кај други може да предизвика тешка клиничка слика.

Вакцинацијата против Ковид-19 игра клучна улога во сузбивање на пандемијата, но и самите вакцини можат да предизвикаат некои нуспојави кои можат да бидат слични на симптомите на вирусот. Како да ги разликувате?

Некои од најчестите симптоми на коронавирусот вклучуваат треска, умор, болки во мускулите и губење на чувството за мирис и вкус. За да се заштитите од вирусот, потребно е да се вакцинирате, но треба да бидете запознаени со можните нуспојави и да знаете како да се справите со истите. Вакцинирањето е особено важно сега, во период кога делта сојот предизвикува зголемен број на заразени и хоспитализирани лица.

Вакцините против Ковид-19 најчесто предизвикуваат благи до умерени нуспојави, а најчестите се треска, умор, слабост или малаксаност, болки во зглобовите и главоболка. Поради сличноста со симптомите на вирусот, личноста може да помисли дека се заразила, но всушност само да има благи нуспојави од вакцината.

Поради тоа е важно да се направи разлика – имено, нуспојавите по вакцинирањето вообичаено траат значително помалку од симптомите на болеста и поминуваат сами од себе за еден до два дена. Но, ако симптомите траат повеќе од неколку дена, лицето треба да биде во самоизолација и да се тестира.

Треба да се напомене и дека коронавирусот предизвикува и два симптоми кои не се јавуваат по вакцинирањето, а тоа се губењето на чувството за мирис и упорната кашлица, пишува Times of India.