Партијата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган достави предлог-закон до Парламентот, кој предвидува посилна контрола врз социјалните мрежи.
Најкористените социјални мрежи, како Twitter и Facebook, ќе треба да имаат претставник во Турција, во спротивно нивниот домет ќе биде намален, се наведува во текстот.
Социјалните мрежи исто така ќе треба да ги почитуваат наредбите на турскиот суд за отстранување одредена содржина во рок од 24 часа, а предвидени се и сериозни казни во случај на непочитување на судските наредби.
Целта на законот е да се „прекинат навредите и вознемирувањето“ преку интернет, рече на прес-конференција Озлем Зенгин, член на Партијата за правда и развој (АКП) на Ердоган.
На почетокот на јули, турскиот претседател повика на „воведување ред“ на социјалните мрежи, откако на Twitter беа навредувани неговата ќерка и зетот.
Според најновиот „извештај за транспарентност“ наTwitter, во првата половина на 2019 година, Турција е на чело на земјите што побараа отстранување на содржината од таа социјална мрежа со повеќе од 6.000 барања.