Apple ги предупреди своите корисници, сопствениците на MacBook компјутери, да не ги затвораат лаптопите со пластична заштита на камерите, кои станаа исклучително популарни во последно време.

Како што велат од американскиот техно гигант, ваквата пракса може да предизвика оштетувања на екранот, поради специфичниот дизајн на просторот помеѓу екранот и тастатурата на лаптопот.

Малите пластични капаци со лизгачки механизам денес се многу чести и чинат само неколку долари во онлајн продавниците, но не се добри за лаптопите, доколку ги затворате со нив. Само за потсетување, поправките на лаптопите на Apple се исклучително скапи, што е дополнителна причина корисниците да припазат на овие капаци.

Наместо воопшто да користат капак, Apple им порачува на купувачите дека можат да и веруваат на зелената LED ламба, која свети на лаптопот кога е активна камерата.

 

„Камерата е направена така што не може да се активира без отклучување на индикаторската ламбичка“, се наведува во предупредувањето на Apple.

Apple додава дека е свесен дека некои луѓе се приморани да користат капаци за камерите при деловните конференции и слично, но во тој случај компанијата потсетува дека би требале да ги симнуваат заштитите секој пат кога го затвораат лаптопот.

Како што напоменува MacRumors, имало случаи во кои екранот на MacBook Pro би се оштетил и при мал притисок на затворениот лаптоп на кој е оставена заштитата за камерата.