Google помина години во обиди да го намали проблемот кој Chrome го има со потрошувачката на меморија, а компанијата наскоро ќе понуди значајни подобрувања на ова поле за Windows 10 корисниците.

Инженер на компанијата Google неодамна откри дека идната верзија на Chrome ќе користи техника од Microsoft Edge, за да се намали користењето на RAM меморијата и теоретски да се подобрат перформансите. Chrome ќе се префрли на Segment Heap управување со меморијата, кое според сознанијата на Microsoft ја намалува потрошувачката на меморија за 27 проценти.

Подобрувањата во Chrome би можеле да варираат во зависност од системот, но тестовите сугерираат дека во некои ситуации можат да заштедат „стотина мегабајти“ во прегледникот и системските процеси. Системите со повеќе јадра најверојатно ќе можат најмногу да профитираат од ова, според наводите на инженерот.

Новата функција би требало да заживее недолго откако Google ќе го креира Chrome со помош на соодветен Windows 10 developer пакет. Се очекува дека ова нема да доведе до огромно подобрување на перформансите, но би можело да помогне во ситуациите кога системот работи со лимитирана меморија или кога корисникот има голем број отворени табови.