Како дел од програмата „Училишта на 21 век“, Британскиот совет започна серија на вебинари кои почнуваат во понеделник на 22 јуни и завршуваат во петок на 26 јуни. Целта на овие вебинари е еминентни професионалци од образование да ги споделат своите знаења и совети со родителите и со нивните колеги наставници, со цел да им помогнат на децата во подобрување на вештините како што се критичкото размислување, решавањето на проблеми и кодирањето.

Во текот на четирите сесии во живо, ќе се дискутира за различни теми – од тоа зошто е важно децата да размислуваат критички, да решаваат проблеми или да кодираат или како овие вештини можат да им помогнат во нивните односи во семејството и со пријателите и да ја зголемат социјалната интелигенција, до планирање на поинтерактивна и забавна настава за децата. Сите наши експерти имаат долгогодишно искуство во образованието и / или на проекти кои ги сменија македонските образовни политики.

Ако сте заинтересирани за овие вебинари, можете да најдете повеќе информации за темите, говорниците и начинот за пријавување на нашата веб-страница: https://bit.ly/2APMStE.

Првиот вебинар е наменет за родители затоа што веруваме дека е исклучително важно тие да слушнат повеќе детали за самата програма, која веќе влегува во секое основно училиште. Ова исто така ќе им помогне да научат повеќе за тоа како програмата ќе придонесе за понатамошно подобрување на квалитетот на наставата во училиштата и квалитетот на знаењето на децата.

Во 2018 година успешно започна реализацијата на програмата „Училишта на 21 век“, како во македонските училиштата, така и во училиштата од регионот на Западен Балкан. Оваа програма е всушност најголемата образовна програма која се спроведува во овој регион во партнерство со релевантни образовни институции.