„Од денес нa македонскиот пазар е достапна првата македонска национална стриминг платформа – GLEY, преку која се приклучуваме кон светските трендови на развој на локални и регионални СВОД (Video on Demand) платформи“ – рече на денешната промоција на GLEY, извршниот менаџер на СВОД Мастер, Дарко Перушески.

„Сега, со GLEY македонските граѓани добиваат лесен пристап до најдобрата домашна и регионална продукција, детска програма, европски и холивудски филмови и серии, кои се комплетно локализирани на македонски и албански јазик, без прекини за реклами и со имплементирана родителска заштита“, додаде Перушески.

„GLEY ги обединува македонските продукциски капацитети и им дава можности за забрзан развој на нови и постоечки проекти“ – подвлече Перушески, потенцирајќи дека македонските продукциски куќи имаат капацитет за создавање високо квалитетна програма. На GLEY е достапен значителен број македонски филмови и серии со што се овозможува лесен пристап до домашната продукција. Поголем дел од македонските содржини ќе бидат дигитално ексклузивно достапни само на платформата. Ексклузивноста на дел од содржините кои не се достапни и локализирани на другите веќе постоечки глобални платформи го прават GLEY оригинален, атрактивен и единствен на домашниот пазар.

Посебен акцент е ставен на обработката на детската програма која е синхронизирана на македонски и албански јазик. Со GLEY можете да бидете сигурни дека вашите деца гледаат програма соодветна на нивната возраст.

GLEY, исто така, ексклузивно на македонскиот пазар, нуди и голем дел од брзорастечката регионална продукција, која во овој момент предизвикува голем интерес кај публиката на овие простори. Содржините се достапни во висока ХД резолуција со квалитетен звук на LG, Samsung и Android TV СМАРТ телевизорите, персонални компјутери, таблети или мобилни телефони. За таа намена се изработени апликации кои корисниците можат лесно да ги инсталираат на оперативните системи на телевизорите во Apple App Store и Google Play Store.

Пристапот до програмите на GLEY ќе биде со месечна претплата која е необврзувачка и корисникот ќе може да ја откаже кога сака. Понудени се три нивоа на месечна претплата: 299МКД, 399МКД и 499МКД во зависност од бројот на уреди на кои истовремено ќе може да се има пристап кон платформата. Корисниците можат да се регистрираат на gley.mk на својот компјутер или мобилен телефон. Сите корисници кои ќе се регистрираат до 30 ноември, ќе добијат 30 дена промотивен пробен бесплатен период.