Онлајн конференција организирана во рамките на проектот „Пристапот заснован на човекови права за време на Ковид-19 кризата“ поддржан од Балканскиот труст за демократија, Германскиот Маршалов Фонд на САД и УСАИД ќе се одржи денеска на Зум платформата.

– На конференцијата ќе бидат презентирани активностите кои се реализираа во рамките на проектот вклучувајќи ги одржаните фокус групи со претставници од граѓански организации кои работат со маргинализирани групи на граѓани, двата мониторинг извештаи кои имаа за цел да ги анализираат владините мерки, стратегии и политики кои вклучуваат примена на пристапот заснован на човекови права и заштита на правото на здравје и здравствена заштита и правото на образование како најзасегнати права за време на пандемијата како и онлајн курсот креиран на ИЧП Академијата за е-учење, соопшти Институтот за човекови права кој е организатор на конференцијата.

Истражувањето „Образованието во време на пандемија“, додаваат, има за цел да ги презентира предностите и предизвиците со кои се соочиле учениците и наставниците во текот на реализација на наставата на далечина со цел државата да може да извлече препораки како да постапува доколку во иднина се јави потребата повторно наставата да се одвива на далечина.

– Документот за јавни политики како предмет на анализа го има значењето на пристапот заснован на човекови права за одговорот на здравствената криза предизвикана од Kовид-19 во Република Северна Македонија, се вели во соопштението.

Конференцијата, посочија од Институтот за човекови права, ќе се осврне на дискусија поврзана со предизвиците во реализација на правото на здравје и здравствена заштита. Во таа насока ќе се дискутира за донесените Владини мерки за справување со пандемијата, дали здравствениот систем успеал да се справи со предизвиците при овозможување на здравствена заштита како и кои мерки, анализи, документи и стратегии би требало да се подготват со цел да ги анализираат недостатоците и успешно да се справиме со идна пандемија.

– Во однос на реализација на правото на образование ќе се истакнат предизвиците со кои се соочиле двете најзасегнати страни – учениците и наставниците при одвивање на образовниот процес како и кои мерки треба да се преземат доколку епидемиолошката состојба во иднина наложи образовниот процес повторно да се одвива на далечина, наведува Институтот за човекови права.