Компанијата наскоро ќе понуди и специјална програма за сопствениците на хибридни автомобили на марката.
Германскиот производител BMW развива цела гама нови електрични автомобили, меѓу кои се и моделите i4 и iNext, но не ги заборава и хибридните технологии. Баварците подготвуваат нов модел кој ќе може да се полни од електричната мрежа, а само на електрична енергија ќе може да помине до 100 километри, вели Питер Нота, член на Управниот одбор на BMW.
Тој одбива да открие детали за моделот, велејќи само дека до крајот на годината BMW на своите клиенти ќе им понуди 12 plug-in хибрид. Нота очекува зголемување на гамата на електрифицирани модели на марката, а до 2025 година нивниот удел треба да биде помеѓу 15 и 25% од вкупната продажба. Во 2030 година оваа бројка треба да достигне 50%.
„Електричните автомобили стануваат се попопуларни со секој изминат ден, но хибридните технологии се сè уште поприфатлива опција, бидејќи тие можат само на електрична енергија да поминуваат кратки растојанија, а нивната вкупна километража без полнење е далеку поголема“, објаснува еден од шефовите во концернот од Баварија.
Питер Нота исто така открива дека многу наскоро BMW ќе понуди специјална програма за сопствениците на хибридни автомобили на марката. Програмата предвидува собирање на поени за секој изминат километар на електрична енергија. Собраните поени ќе може да се разменуваат за бонуси и награди од компанијата. За какви, производителот од Баварија сè уште не открил.
Извор: Додај Гас