Уште еден ветеран дизајнер ја напушти компанијата Apple.

Егзодусот на дизајнерите на Apple продолжува, а најновиот човек кој ја напушти компанијата е Танг Тан, кој ја извршуваше позицијата шеф за дизајн на производи.

Тан го напушта Apple за да се приклучи на компанијата LoveFrom, основана од Џони Ајв – поранешен главен дизајнер на компанијата Apple.

Во новата фирма, Танг Тан ќе работи на нов хардвер за вештачка интелигенција, кој е поддржан од компанијата на Сем Алтман OpenAI, а нејзините цели се да создаде уреди кои ги применуваат најновите технологии за „длабоко учење“ (deep learning).

Тан беше задолжен за дизајнирање на главните производи на Apple, вклучувајќи ги iPhone, Apple Watch и AirPods, така што неговото заминување остава огромна празнина во компанијата.

Како дел од LoveFrom, Тан ќе го води хардверскиот дизајн за новиот проект за вештачка интелигенција, додека Сем Алтман ќе обезбеди софтверска поддршка. Сите производи моментално се во рана фаза на концепт, а фокусот е на уредите за дома.

Веќе беше познато дека Тан си заминува од Apple, а интересно е што околу 14 членови од поранешниот тим на Џони Ајв ја напуштија компанијата од 2019 година. Ајв работеше за Apple како консултант до 2022 година, а повеќе од 20 поранешни вработени на Apple се приклучија на неговата компанија LoveFrom.