HBO пред две недели го лансираше новиот стриминг сервис HBO Max, но генерално е мислењето дека тоа внесе конфузија меѓу корисниците, бидејќи оваа компанија веќе има два стриминг сервиса – HBO Go и HBO Now. За да ја разјасни ситуацијата, WarnerMedia, компанијата во чија сопственост е HBO, објави дека HBO Go сервисот ќе замине во „пензија“ на 31. јули, бидејќи дотогаш HBO Max ќе биде достапен ширум светот, Исто така, HBO Now сервисот ќе го промени името во HBO.
HBO Go е првиот стриминг сервис на HBO, кој им овозможи на HBO претплатниците да ги гледаат омилените видео наслови преку интернет. HBO Now е независна стриминг апликација, која бараше засебна претплата. Кога планираните измени ќе бидат завршени, компанијата повторно ќе има само две стриминг платформи, како што ги имаше пред две недели, само што ќе се промени нивната структура.
Проблемот кој може да се јави по транзицискиот период е што ќе прават луѓето, кои ги користат на независните платформи, како што се Roku и Amazon Fire TV, кои опфаќаат околу 70 проценти од стриминг пазарот во САД. WarnerMedia засега не успеа да направи договор со Roku и Amazon во врска со поддршката за HBO Max, што значи дека оваа апликација засега нема да биде достапна на стриминг уредите на споменатите компании. Ни WarnerMedia, ни Roku и Amazon, се уште не излегоа во јавност со објаснување што ќе се случи со корисниците кои досега ја користеле HBO Go апликацијата на тие платформи.