Наесен сите граѓани на Европската Унија би можеле да ја добијат вакцината против коронавирус, пишуваат хрватските медиуми.
Тоа ќе биде европска вакцина, иако ќе биде наменета за целиот свет, пишува Вечерњи. Тие објаснуваат дека вакцината е европска, затоа што договорот со производителите за набавка на 400 милиони дози вакцина, за сите жители на Европската Унија, а со тоа и Хрватска, го потпишале Германија, Франција, Италија и Холандија, а подоцна го презела Европската комисија.
Информации за склучувањето на договорот дал министерот за здравство во Италија, Роберто Сперанза. Италија учествува со 185 милиони евра. Договорот бил потпишан со фармацевтската компанија АстраЗенека, а станува збор за вакцина развиена од страна на италијански и британски научници и тестирана на луѓе во Велика Британија под надзор на Универзитетот во Оксфорд, кој исто така учествувал во нејзиното создавање во своите лаборатории. Првите дози за експериментите ги направи италијанската компанија Ирбм од Помезија и каде ќе се произведуваат дел од дозите.
Поранешниот претседател на италијанската здравствена установа и актуелен научник во Светската здравствена организација, Валтер Рикарди, рече дека медицинскиот персонал најпрво ќе се вакцинира, а потоа и постарите лица. Многумина веруваат дека вакцината би можела да спречи можен втор бран на ширење на коронавирус, кој се најавува за есен и почетокот на зимата.
Паскал Сориот, менаџер на фармацевтската компанија АстраЗенека, вели дека вакцината ќе се продава на сите по цена на производство, односно помалку од 10 евра по доза. Најголем дел од производството во Европа ќе биде во лаборатории во Холандија и во Италија.