Ковид-19 не е само респираторна болест, туку го погодува целото тело, а лекарите забележуваат цела низа необични и застрашувачки симптоми и синдроми, пишува CNN.

CNN наведува пример на пациент на возраст од 38 години, кој во првите 10 дена од инфекцијата со коронавирус бил во релативно добра состојба и не бил во ризична група.

„Имаше благи симптоми и кашлица, па беше во својот дом”, рекол д-р Сон Венгертер, васкуларен хирург од Њујорк.

Меѓутоа, тогаш се појавиле изненадувачките последици од Ковид-19.

Пациентот се разбудил со треска и бил толку слаб што не можел да оди. Имено, било воочено дека коронавирусот може да предизвика згрутчување на крвта, а 38-годишниот пациент имал голем тромб во главната артерија. Но, брзата дијагноза и хируршкото отстранување на тромбот со помош на катетер го спасиле пациентот.

Докторите кои лекуваат пациенти заразени со коронавирус забележуваат цела низа синдроми, од крвни згрутчувања во сите големини низ телото, откажување на бубрезите, до воспаление на срцето и имунолошки компликации.

„Она што фрустрира е фактот дека оваа болест се манифестира на многу различни начини”, вели д-р Скот Бракенриџ, доцент во тимот за хируршка медицина на Медицинскиот факултет при универзитетот во Флорида.

Во некои случаи коронавирусот има сериозни последици врз дишењето, а во други се чини дека доведува до застој на органите во повеќе системи. Иако станува збор за респираторен вирус, јасно е дека тој кај поединечни луѓе го погодува целото тело и директно напаѓа и некои органи.

Едно од прашањата кое најмногу ги загрижува експертите е нападот на Ковид-19 на ѕидовите на крвните садови, што предизвикува неприродно згрутчување на крвта. Се чини дека вирусот создава локален воспалителен одговор кој води до некоја од овие тромбози.

Други тимови на лекари пријавиле необични мозочни удари кај помлади пациенти, како и белодробни емболии, што е медицински назив за крвни згрутчувања во белите дробови.

Еден од најопасните синдроми кои би можел да биде поврзан со Ковид-19 е “педијатрискиот инфламаторен синдром”. Градот Њујорк пријавил 52 такви случаи, а министерството за здравство соопштило дека во тој контект истражува 100 случаи. Синдромот се карактеризира со упорна треска, воспаление, лоша функција на еден или повеќе органи и други симптоми кои потсетуваат на шок, вели група педијатри.

Во некои географски области се забележани и случаи на болеста Кавасаки кај децата, вели др. Мари Бет Сон, ревматолог од детската болница во Бостон. Болеста Кавасаки вклучува воспаление на ѕидовите на артериите со средна големина и може да го оштети срцето, велат лекарите.

Уште еден симптом на коронавирусот е збунувачки, но помалку загрижува – станува збор за бројни пациенти кои пријавиле црвена или виолетова боја и отекување на ножните прсти.