Американската биотехнолошка фирма Модерна соопшти дека ја забрзала работата на развој на експериментална вакцина против Ковид-19 и дека очекува кон почетокот на летото да почне со подоцнежните фази на клиничките испитувања.
Компанијата од Масечусетс соопшти дека набрзо ќе почне клинички испитувања од средна фаза.
Таа американска компанија до сега најмногу напредна во развојот на вакцина против Ковид-19, поради што дојде до зголемување на вредноста на нејзините акции.
Модерна минатата недела склучи договор со швајцарскиот произведувач на лекови Лонза Груп АГ со цел побрзо производство на потенцијалната вакцина.
Компанијата минатиот месец доби 483 милиони долари од американска владина агенција за побрз развој на вакцина.
Претходно оваа недела Пфизер и БиоНТек СЕ соопштија дека почнале да ги испорачуваат своите потенцијални вакцини за иницијални испитувања на луѓе во САД, а Џонсон енд Џонсон планира да почне тестирања на луѓе до септември, со цел до почетокот на 2021 година се да биде подготвено за одобрување по забрзана постапка поради кризната ситуација.
Експертите не очекуваат дека некоја вакцина ќе биде одобрена пред 2021 година, бидејќи вакцините мора да минат низ опсежни испитувања на луѓе пред да бидат подготвени за користење на стотици милиони луѓе во светот.